По најновите напади  од  ОК на ВМРО-ДПМНЕ градоначалникот Александар Петрески денеска одржа прес конференција, на која побара во интерес на граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ да престане со валканата кампања во која се употребуваат многу недолични и навредливи зборови и да се подигне нивото на дијалогот и политичката култура.

-Јас сум одговорен градоначалник и за разлика од градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ секогаш сум подготвен да одговорам на прашањата на граѓаните но преку глава ми е да одговарам на секојдневните неаргументирани обвинувања од локалното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Искрено да кажам дека овој притисок со напади врз мене од страна на ОК на  ВМРО-ДПМНЕ е наредба од нивната партиска централа со што по секоја цена сакаат да се омаловажи работата на Локалната самоуправа и да се закочат проектите кои ги работиме за доброто на граѓаните.-рече Петрески

Тој уште побара ВМРО ДПМНЕ да престане да го малтретира него и  Советот на општината и најмногу јавноста, а сите проблеми да се решаваат институционално, а не преку соопштенија и прес конференции.

– Попрактично и во рамките на законот е место со соопштенија во медиумите , координаторот на нивната советничка група да контактира со претседателот на Советот на општина Охрид и да се договорат за закажување на следната седница.Советничкото мнозинство е прашање на оние кои го составуваат и само тие можат да кажат дали  сум вршел притисок врз нив.-додаде Петрески.

Во врска со поставеното прашање каде се потрошени 40 милиони евра во  5-те години од неговиот мандат, Петрски истакна дека податоците за тоа се јавни и се презентирани и усвојувани на седниците на Советот на општина Охрид во кој партиципираат и советници од ВМРО-ДПМНЕ.

– Во изминативе пет години во буџетите  реализирани се 34 милиони  Евра. Од нив 22 милиони  Евра се инвестирани во капитални објекти и инфраструктура, вратени се 7 милиони Евра стари долгови, 3,3 милиони Евра за плати и 2,2 милиони Евра за трошоци за Советот и администрацијата. Ги повикувам од ВМРО-ДПМНЕ да најдат пример на буџет каде повеќе од 70 отсто биле потрошени за инвестиции. – истакна Петрески.

Тој побара од ОК ВМРО ДПМНЕ, доколку ги почитува граѓаните кои бараат аргументирани одговори, да го запрашаат нивниот премиер Никола Груевски каде потроши 10 милијарди евра за помалку од 4 години и колку пари фрли за изградба на споменици.

– Нека го прашаат зашто ВМРО-ДПМНЕ го уништи јавното здраство во Охрид. Ни затворија дел од општата болница, оставија на улица многу лекари и медицински персонал, а штетата да биде уште поголема болницата  ја гради бугарска наместо македонска или охридска градежна компанија. Конечно нека го прашаат Груевски, а потоа како добри сограѓани нека им одговорат  на вработените во ЕМО кои со години не земаат плата, а меѓу нив има многу нивни членови  кои по вина на ВМРО-ДПМНЕ станаа социјални случаи – рече во обраќањето пред новинарите градоначалникот Александар Петрески.

OhridNews