По повод катастрофалниот земјотрес што ја погоди централна Италија, градоначалникот на општина Охрид, Александр Петрески, денеска испрати телеграма со сочувство до професор Винченцо Бјанки светски познат историчар на уметноста, иницијатор за отворање на Универзитетот на ликовна уметност во нашиот град и докажан пријател на Охрид.

Како на докажан пријател на Охрид и вљубеник во нашиот град, Вам и на пријателите во Италија како и целиот италијански народ, во име на граѓаните на општина Охрид и во лично име,  Ви го изразувам длабокото сочувство за земјотресот што ја погоди областа Абруцо и жртвите од него. Ја споделуваме заедно со  сите вас големата тага и ненадоместливата болка за  изгубените човечки животи. Доколку Ви значи извесна утеха нашето сочувствување за штетите и жртвите од земјотресот, бидете убедени дека во овие тешки моменти за сите вас, тагата ја споделуваме и ние, вашите пријатели од космополитскиот Охрид – се вели во телеграмата со сочувство што ја испрати градоначалникот Петрески до проф. Бјанки и италијанските пријатели на Охрид.

Ohridnews