И во Охрид за Нова година може да гостуваат големи музички ѕвезди доколку хотелиерите, угостителите и бизнисмените ја поддржат финансиски организацијата која во целост ја покрива локалната самоуправа, смета градоначалникот Александар Петрески.

– Во другите градови, Куманово на пример, угостителите и хотелиерите со 30.000 евра го покрија гостувањето на Северина. Дали во Охрид сте слушнале некој од еснафот на угостители или хотелиери, бидејќи сите имаме интерес но директно најповеќе тие, да издвојат дел од својата заработка  и да ја потпомогнат општината да донесе голема музичка ѕвезда за Нова година во Охрид?, вели Петрески.

Градоначалникот уште еднаш подвлече дека општината нема намера да троши пари на граѓаните за да плати некое големо музичко име за час или два настап на плоштадот.

Подобро е со тие пари да асфалтираме некоја улица или да изградиме водовод, додаде Петрески.

Тој го искритикува бизнис секторот во Охрид дека не ги помага културата и спортот. Наместо нив тоа ќе го прави општината, како што го организира и дочекот на Нова година на градскиот плоштад, истакна Петрески.

Како што веќе објавивме, за Нова година во Охрид ќе настапат победникот на Охрид фест од 2005 година, познатиот српски пејач Бојан Бјелиќ, охриѓанецот Ѓоко Танески и „Аренси бенд“, кои, ќе понудат одлична забава, смета градоначалникот Петрески.

Ohridnews