– Не смее ниедна партија, без разлика кој го прави тоа, да си игра со оваа награда, изјави за Оhridnews, Петрески. Според него до познатите случувања дошло од политички причини, што, како што рече “е доказ повеќе да се промени статутот во делот на доделувањето на општинските награди и признанија“. Според сегашниот статут, Свети Климентовата награда ја доделува Комисија на Советот на општина Охрид кој е составен од претставници на политички партии.
Петрески: Свети Климентовата награда се исполитизира
– Нормално е советниците да делуваат политички и затоа сметам дека треба да се направат измени и Советот да не ја доделува Свети Климентовата награда, туку тоа да го прави независно тело, истакна Петрески. Тој кај себе не гледа одговорност за скандалозните случувања, бидејќи, како што вели, градоначалникот во овој случај е како англиска кралица и нема никакво влијание врз работата и одлуките на комисијата за доделување награди и признанија која има делегирана надлежност. Петрески ги отфрла обвинувањатаи дека врз Комисијата бил вршен притисок од страна на градоначалникот и советникот за образование во локалната самоуправа, како и дека бил извршен упад во нејзиното работење.
– Не може градоначалникот да направи упад, бидејќи учествува во работата на сите комисии. Јас немам право да гласам, но имам право да го кажам моето мислење, и реков пред комисијата дека не е добро за Охрид да се размислува на начин на кој размислуваат одредени членови на комисијата и дека не е добро наградата да ја добие човек кој е во политиката и актуелен пратеник, односно избрана личност. Советникот Митре Велјаноски учествуваше на комисијата како претставник на општинската администрација во чија надлежност е делот за одбележување на празници и манифестации. Го кажавме нашето мислење, но тоа не вредеше, бидејќи советниците дојдоа однапред инструирани како да гласаат, објаснува Петрески.
– И порано имало политички притисоци, но успеавме во изминатите години да ја отстраниме политиката од доделувањето на Свети Климентовата награда и сите добитници заслужено го понесоа највисокото општинско признание, но за жал оваа година советниците не успеаја да се надминат себеси и под влијание на политичките партии се донесе политичка одлука, рече Петрески.
Тој информираше дека случајот и го препуштил на правната служба, според која одлуката на Комисијата за доделување награди и признанија, не може да се преиначи бидејќи е донесена. „Бараме правен начин како да се извлечеме од овој лавиринт, а никој да не биде оштетен и мислам дека деновиве ќе најдеме решение за проблемот кој го создадоа политичките партии“, додаде Петрески. Според него избрани личности не смеат да конкурираат за Свети Климентовата награда, бидејќи тие за тоа што го работат добиваат плата. „Тоа е исто јас како градоначалник за тоа што го правам за градот да се кандидирам за Свети Климентова награда“, вели Петрески. Тој смета дека наградата во иднина треба да се доделува за високи достигнувања посебно по области, за култура, спорт, образование…а одлуката за тоа да ја носи независно, неполитичко тело, со што ќе се избегнат непријатни ситуации како годинешната.