Петрески ги презентира конкретните стимулации на општината за странски инвестиции во Охрид, пред се во туризмот, градежната дејност и економијата, а за туристичката размена се очекува да придонесат субвенциите на државата за носење странски туристи. Посебно интересни беа искуствата на Серавиновски во начинот на кој тој комуницира со жителите на Рокдаил кои се од различни етнички заедници, неговата постојана грижа и помош за граѓани и нивните бизниси, и инвестирање во подобрување на животот во општината, со што тој 16 години ја ужива довербата да раководи со оваа убава општина во Сиднеј со 100 илјади жители.
Во знак на пријателство Петрески и Серавиновски засадија дрво во паркот на Рокдаил, што со својата долговечност ќе го симболизира подемот на соработката меѓу Охрид и Рокдаил. Петрески беше топло примен и од жителите Македонци во општината, кои имаат свои продавници, ресторани, бизниси, аптеки,ординации и една Македонска улица, каде денес сите сакаа да се поздрават и да помуабетат со него за животот во татковината и Охрид.
Поента на посетата на Охридската делегација на Сиднеј беше приемот во парламентот на Нов Јужен Велс, сместен во стара зграда од 1830 година во срцето на Сиднеј. Петрески ја имаше честа и привилегијата да биде првиот градоначалник од Македонија, кој седна на столот на спикерот на овој парламент, му беа отворени вратите на Горниот и Долниот дом, беше удостоен како прв Македонец да седне и на столицата на кралицата на Комонвелтот, беше запознаен со историјата, значењето и начинот на функционирањето на Австралиската парламентарна демократија.
По презентацијата на Охрид пред парламентарците Тони Стјуарт и Шокет Мозелман тие беа поканети од градоначалникот Петрески да го посетат Охрид,што според нив може да биде привлечен за Австралијанците, со поголема промоција на овдешниот пазар и воспоставување полесни авио врски за туристите.