По повод одржувањето на Самитот на претседатели во Охрид (2-3 мај), дојавноста денеска се обрати градоначалникот Петрески:
Почитувани сограѓани,
Се наоѓаме пред најголемиот и највисок собир на државници што е одржан во Македонија. Нашиот град е почестен што е одбран за град- домаќин на Самитот на шефовите на државите од Централна Европа.Во наредниве три дена, почнувајки од утре, наши гости покрај претседателот Црвенковски, ќе бидат највисоките државни личности на 17 земји од Европа, стотина членови на нивните делегации и над 300 новинари, сниматели и репортерски екипи од педесеттина странски медиуми.
Овој настан е од непроценливо значење за афирмирање на Охрид. Свесни за тоа, ние како Општина интензивно работевме скоро 2 месеци на уредување на градот и преземање на сите потребни работи за да го дочеккаме самитот во што подобро светло и да се претставиме како добри домаќини.
Во наредниве три дена, почитувани сограѓани, Охрид ја претставува пред Европа, нашата земја Македонија. Ние и нашиот град сме тие според кои високите гости ќе судат за градот, државата и нивните граѓани.
Затоа, чувствувам за потребно, со ова обраќање да ве повикам сите вас за да ги искажеме и потврдиме сите оние атрибути кои најдобро зборуваат за нас, нашата питомост и нашето гостопримство како охриѓани и граѓани на Македонија. Ве повикувам, во деновите на Самитот, посебно да ги искажеме љубезноста, добродушноста, почитувањето на редот и мирот, и посветеноста кон јавната хигиена. Очекувам, сите ние да придонесеме со своето однесување до полн израз да дојдат ефектите од она што сме го правеле во изминатиот период а што е во функција на Самитот.
Таквиот наш однос е во интерес на самите нас, на нашата татковина и за иднината на Охрид како град кој по сите вредности му припаѓа на светот.
Убеден сум дека ова мое обраќање ќе допре до секој еден сограѓанин и во тоа име ви ја искажувам својата благодарност.
Александар Петрески
градоначалник на Охрид