Проблемот со кучињата скитници, кој е својствен за скоро секоја урбана средина па и метрополите, за Охрид е посебно специфичен заради неговиот туристички живот и грдата слика што може да ја понесе било кој гостин од престојот во туристичкиот центар на Македонија кога не само на периферијата туку и во самиот центар наидуваат на напуштени кучиња.

Сакајки да се реши поефикасно овој проблем, за кој секојдневно бројни граѓани реагираат со негодување барајќи да се преземе нешто од страна на надлежните во Општината, Локалната самоуправа веќе подолго време  се обидува да изнајде соодветно решение. Во таа смисла донесени се и повеќе конкретни заклучоци или програми, но за нивна реализација најчесто се јавуваат како проблем потребните финансиски средства.  За воља на вистината, во одделни наврати, тие биле и планирани и предвидени, но надлежното општинско ЈП при реализацијата се соочувало уште на самиот почеток со други проблеми, информираат од локалната самоуправа.

И покрај најновата идеја од страна на надлежното ЈП за евентуална набавка на специјални пушки за елиминирање на скитниците кучиња со успивање, Градоначалникот Александар Петрески останува и натаму на својот уште порано искажан став: дека кучињата скитници треба да се третираат на похуман и цивилизациски начин, се наведува во соопштението.
  
– Убивањето на кучињата-скитници по улиците макар тоа да е и со пушки за успивање, е нецивилизациски за ова време во кое живее Охрид иаку е лоша сликата што ја доживуваме и ние и гостите за Охрид низ чии улици и паркови се сретнуваат кучињата. Граѓаните кои бараат да се справиме со овој проблем се во право. Но, во право се и оние кои се залагаат решавањето на овој проблем да биде на похуман начин. Јас и натаму останувам на својот став дека единствено цивилизациско решение е отворање на стационар за кучињата скитници и нивно натамошно третирање во тој стационар според упатства и стандарди што ги нудат ветеринарните служби. Сметам дека надлежните служби на Општината ќе го прифатат ова решение како единствена можност и ќе се ангажираат уште повеќе од досега за негова поскорешна реализација без да трошат време во барање други алтернативи – укажува Градоначалникот Петрески во своето обраќање до јавноста во врска со овој проблем.

ohridnews