Тага и неверување владее во Охрид по големата бродска несреќа во која животот го загубија петнаесет бугарски туристи. Градот ги одложи сите најавени манифестации, а јавните служби се ставени на располагање на надлежните институции вклучени во истрагата за несреќата.

Градоначалникот Александар Петрески во изјава за „Ohridnews“ изрази длабоко жалење за изгубените животи.

Изразувам големо жалење за несреќата што се случи, која сум убеден дека можеше да се избегне, како што можеше да се избегнат и бројните други несреќи што ова лето се случија во водите на Охридското Езеро, рече Петрески.

Градоначалникот смета дека доколку општината има ингеренции многу посупешно и многу подобро ќе се се грижи за безбедноста на Охридското Езеро.

-Треба само добро да се работи, да се координира и контролира. Ние тој инструмент го немаме, работите не се контролираат, а ние тапкаме во место, додаде Петрески.

Според Петрески големата несреќа што се случи на бродот „Илинден“  лошо ќе влијае на имиџот  на Охрид и на Република Македонија.

-Тие скапи реклами што ги плаќавме низ светот за промоција на Охрид, можевме многу попаметно да ги искористиме и сето тоа паѓа во вода со еден ваков настан, вели Петрески.

Градоначалникот на Охрид информираше дека се одложени сите предвиденит настани со кои градот сакаше да го одбележи  Денот на независноста. Се најавува и дека  делегација на Охрид ќе отпатува во Бугарија за да присуствува на погребот на жртвите.

Ohridnews