На Конференцијата одржана деновиве во соорганизација на ОБСЕ која беше посветена на втората фаза на децентрализацијата,  Општина Охрид беше посочена како најуспешна по остварените резултати во 2006 година според остварувањето на сите критериуми битни за оценување на тоа дали општината е способна да влезе во втората фаза на децентрализацијата.
 
Во остварувањето на приходите во 2006. година општина Охрид е на самиот врв, веднаш по општината Центар. Охрид остварил 404.677.441 денари вкупни приходи што беше оценето како „фантастично движење на Буџетот на Општината“. Во однос на Центар која се одликува со најголем прилив по основ на персонален данок, Охрид остварил за 15-тина милиони денари помалку приходи, додека во однос на Битола остварените приходи се за околу 100-тина милиони денари повеќе.
      
Ова го изнесе градоначалникот на Охрид, Александар Петрески на денешната средба со новинарите. Во однос на наследените долгови кои Општината ги има од пред 15-тина години а кои се законска пречка за проценките околу влегувањето во втората фаза, Петрески посочи дека и ЗЕЛС и самиот претседател Андреј Петров сметаат дека мора да се донесат подзаконски акти со кои долгот што го имаат општините нема да биде критериум за нивно изоставање од натамошната децентрализација доколку ги исполнуваат другите критериуми.

На денешната средба со новинарите, Петрески побара од централната власт и од охридските пратеници во Парламентот да се заложат за поголемо искористување на охридскиот Аеродром особено во услови кога скопскиот е затворен поради магла. 
      
– Со пренасочување на авионите од Скопје кон Солун или Софија, наместо кон Охрид, во текот на изминатата седмица направена е штета не само за Охрид туку и за Македонија. Само по основ на ноќевањата кои можеа да се остварат од пренасочените  околу 10 илјади патници изгубени се големи средства без да се сметаат тука парите од прометот во угостителството и трговијата – посочи Петрески и додаде: Владата го прогласи охридскиот Аеродром за најевтин во регионот, со нула такси за аеродромски услуги, ама авионите не се насочуваат кон Охрид. Доста е од потези кои наликуваат на шминкање на состојбите.
           
На средбата, градоначалникот на Охрид исто така апелираше до централната власт и надлежните институции да се измени одлуката за преместување на Царинскиот терминал во Струга бидејки охридското стопанство со преселбата на терминалот има зголемени трошоци околу царинските формалности наместо да чувствува подобар амбиент.

Петрески, се заложи за покажување повеке слух од страна на централната власт и во однос на потребите за еколошки здрава средина и решавање на проблемите со кои Општината се соочува во таа насока. Во оваа смисла, Петрески  конкретно искажа поголем и конкретен придонес на државниот секретар во Министерството за животна средина околу конечното решавање на проблемот со реката Грашница како еден од најголемите загадувачи на Езерото.

– Доста му се на Охрид семинари и работилници за заштита на Езерото и за животната средина. Потребни се конкретни активности и реализација на проекти со поддршка на Републиката – посочи градоначалникот на Охрид.
   
На крајот, Петрески ги информираше новинарите за престојната посета на Њујорк каде од 1. до 6. Декември ќе бидат одржани централни настани во рамките на одбележувањето на Денот на Свети Климент Охридски – Патронот на Охрид, соопшти одделението за односи со јавност при локалната самоуправа.

Наспроти вака изнесените тези на охридскиот градоначалник, во републичкото Собрание и денеска беа изнесени тешки обвинувања на негова адреса. Пратеникот од ВМРО ДПМНЕ Цветко Грозданов на седницата посветена на пратенички прашања уште еднаш побара од Министерството за транспорт да ја испита одлуката на локалната самоурава за изградба на пет висококатници на просторот на спортскиот ценатар „Билјанини извори“, а од министерството за финансии побара најитно да се формира комисија која ќе го испита како што рече незаконското работење на општина Охрид.

Вербалната војна помеѓу градоначалникот, пратениците и државните функционери од Охрид трае веќе подолго време.

ohridnewes
фото: Васко Бујароски