„Граѓаните кои го дадоа својот глас за мене, Кирил Трендафилов-Нанче ги нарече криминалци и подземни структури. Знам дека тој што губи има право да се лути, но нема право да ги навредува граѓаните“, рече на денешната прес-конференција, кандидатот за градоначалник на СДСМ, Александар Петрески кој веќе ја објави својата победа на локалните избори во Охрид.

Петрески рече дека за разлика од неговиот противкандидат, тој досега трипати им се заблагодарил на граѓаните кои гласале за него, но и на оние кои гласале за Трендафилов, зашто како што рече, сите покажале високо ниво на политичка култура и демократија.

„Кирил Трендафилов треба да се потруди да ја научи лекцијата што му ја дадоа граѓаните на 5 април “, кажа Петрески и додаде дека не постои ниту една причина за прегласување, освен, како што рече, силната волја на кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ, по секоја цена да стане градоначалник.

Постапките и изјавите на Нанче, според Александар Петрески, водат кон притисок врз општинската и државната  изборна комисија и управниот суд, но сега од позиција на централна власт во државата.

„Трендафилов, најверојатно се подготвува да митингува, а ја занемарува слободно изразената волја на граѓаните“, подвлече Петрески.

Ohridnew