„Портпаролот на ВМРО ДПМНЕ, Александар Бичиклиски, може да побара оставка од владини министри, а не од градоначалникот на општина Охрид.“
Ова го изјави градоначалникот на општина Охрид, Александар Петрески, во врска со обвинувањата што вчера ги изнесе портпаролот на ВМРО ДПМНЕ. Бичиклиски ја обвини општината Охрид дека незаконски легализира дивоградби и дека советниците и градоначалникот се во спрега со урбанистичката мафија, поради што тој побара тие да си заминат од функциите.
Според Петрески изјавата на Бичиклиски е политичка и треба да ја коментираат политичките партии, а не градоначалникот. Според него нема законска основа на општината Охрид да и` бидат одземени ингеренциите во сферата на урбанизмот, бидејќи како што рече измените во урбанистичките планови Советот ги донел со потпис и одобрение од министерствата за транспорт и врски и за животна средина.
Градоначалникот Петрески денеска се сретна со министерката за внатрешни работи,м Гордана Јанкуловска. На средбата станало збор за безбедноста во градот и подготовките околу НАТО форумот што кон крајот на јуни ќе се одржи во Охрид, а се разговарало и на други теми, меѓу кои и за урбанизмот.
Во врска со барањето на ВМРО ДПМНЕ, Министерството за внатрешни работи да ги испита случувањата во урбанизмот во Охрид, Јанкуловска во изјавата што ја даде непосредно по средбата со раководството на СВР Охрид, рече дека “МВР неселективно ќе се вклучи во секој случај каде има сомневаење дека е прекршен законот“, не сооптшувајќи притоа други детали.