Кандидатот за градоначалник од СДСМ, Александар Петрески денеска одржа прес-конференција по повод вчершниот круг локални и претседателски избори, и ја соопшти неговата победа.

„Им благодарам на сите охриѓани што вчера се чувствувавме европски, му благодарам и на господинот  Фуере за честитката што  ми ја упати а која гласеше дека Охрид ќе ја однесе Македонија во Европа“.


Вчера имавме фер и демократски избори, истото го потврдија и од противничкиот табор, во 19 часот. Пратеникот Александар Николовски кажа дека имавме фер и демократски избори, а во 21 часот истото го потврдија и странските дипломати“, изјави Александар Петрески.

Петрески рече дека оваа функција ја сфаќа сериозно, и ќе биде градоначалник на сите граѓани, без разлика за кого гласале.

„Имав огромна поддршка од граѓаните. Кажав дека тие се мојот коалиционен партнер, а тоа и се докажа“, додаде Петрески.

Како што рече, не очекува помош од Владата, туку бара само, таа да не го опструира во неговата работа.

„ Владата мора да соработува, зашто нивните проблеми се поголеми од нашите проблеми. Секој ден ќе ги повикувам за проектите што ги планираат за Охрид“, најави Петрески.

На новинарско прашање дали приговорите за вчерашниот втор изборен круг поднесени од страна на ВМРО-ДПМНе ќе сменат нешто во состојбата со гласовите, Петрески рече дека очекува, приговорите да бидат повлечени и оти, тие не ја менуваат ситуацијата.


Како што беше соопштено на денешната прес-конференција,  во текот на вчерашниот изборен процес, за кандидатот за градоначалник од СДСМ, Александар Петрески гласале 17 015 граѓани, а за Кирил Трендафилов Нанче 16 593 гласачи, што значи, разлика од 422 гласови.

За кандидатот за претседател од ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓе Иванов, гласовите ги дале 18 786 граѓани, а за Љубомир Данаилов Фрчкоски од СДСМ, 13 290 гграѓани, или разлика во корист на Иванов од 5 496 гласови.

Петрески најави дека продолжува да ги исполнува дадените ветувања,а очекува и од ВМРО-ДПМНе да ги исполнат, како то рече, ветувањата, и да му ја честитаат победата.

Ohridnews
фото: Васко Бујароски