Ноќеска низ градот осамнаа флаери со недолична содржина упатена до градоначалникот на Охрид, Александар Петрески. На повеќе локации во градот излепени се и плакати со истата содржина.

Утринава експресно со соопштение до медиумите реагираа од кабинетот на градоначалникот. Во соопштението од портпаролот на општината, Никола Маневски се вели:

„ Навредливите флаери со недолична содржина против актуелниот градоначалник  со кои во раните утрински часови  се облепуваше центарот на градот, не се ништо друго  туку израз на ниската и затемнета општествена свест на поединци кои со правењето срамни дела мислат дека ќе се додворат на оние кои бараат едноумие во Македонија.

Претпоставувам со сигурност дека полицијата ќе дојде до сторителите и ќе констатира дека се тоа малолетници или наркомани и слични елементи од маргините на општеството. Но нивните нарачатели, авторите и инспираторите на овие ниски, срамни и недолични плакати, несомнено се луѓето кои се подготвени да уништуваат се и секого кој не мисли како нив или не ја поддржува слепо нивната опција.

Нивната слепа желба да ја сменат локалната власт е толку силна што не им е значајно колку е штетно и срамно за Охрид она што го чинат.

Сметам дека ова е гнасен и недоличен обид за застрашување и лажење на граѓаните на Охрид токму на денот кога градот празнува“, вели во соопштението, Никола Маневски, портпарол во Општина Охрид.