Градоначалникот на Охрид Александар Петрески тврди дека неговиот кабинет се прислушкува, и дека тој и општинската администрација се под постојан притисок од инспекциските служби и МВР.

“Моите телефони се прислушкувани и одговорно тврдам дека и мојата канцеларија е прислушкувана“, рече Петрески кој денеска имаше интервју за локалните медиуми по повод две години од неговиот градоначалнички мандат.


„Бубачки“ во кабинетот. Александар Петрески

Петрески вели дека од доаѓањето на новата власт, локалната самоуправа е под постојан притисок и дека не постои инспекторат кој во изминатите 7 месеци не дошол во контрола на општината. Охридскиот градоначалник рече дека притисок се врши и врз Советот на општината за што го обвини ОК на ВМРО ДПМНЕ и дека зад се’ се крие обид за негова политичка девалвација и елиминација од наредните локални избори .

Покрај ова, Петрески денеска  ја обвини власта дека преку одредени лица се обидува да го намести за земање поткуп, како и дека на притисок било изложено и неговото семејство.

Од МВР пак велат дека, доколку Петрески има било какви сомневања, должен е да пријави во полицијата, од каде ќе биде покрената соодветна истрага. Доколку пак Петрески нема докази за таквите тврдења  од МВР најавија дека против него ќе поднесат соодветна  кривична пријава.

Г. Момироски
Фото: С. Костоски