Антикорупциската комисија е таа која треба да добие кривична пријава за своето однесување и работење, изјави за Ohridnews, градоначалникот на Охрид Александар Петрески, против кого Комисијата за спречување на корупцијата покрена постапка за кривично гонење поради злоупотреба на службената положба и овластување.


Како што веќе објавивме,  Антикорупциска го товари Петрески дека ги пречекорил границите на своите службени овластувања со тоа што не ги почитувал и не постапил по дадените препораки по извршената ревизија за јавните набавки за 2006 и за 2007 година од страна на внатрешниот ревизор на општина Охрид и не  направил корекции, со што го прекршил Законот за јавни набавки. Препораките се однесуваат на неизвршени задолжителни законски обврски на општината и на градоначалникот во однос на водењето регистар на постапката за јавни набавки, изготвување план за јавни набавки, донесување интерен акт за регулирање постапка за јавни набавки и ангажирање соодветно стручно лице – координатор за спроведување на законските обврски во процесот на јавните набавки, изјави претседателката на Аникорупциската комисија Мирајана Димовска.

Според Петрески ваквите обвинувања се неточни. Сите посочени прекршувања од страна на Антикорупсиската комисија  се административни  работи. Откако после две години контроли не најдоа ништо незаконски во работењето на локалната работа сега се обидуваат да не обвинат за непочитување на административни процедури, што не е никакво коруптивно однесување, ниту има основ за кривично гонење. Да биде трагедијата поголема ние посочените забелешки од ревизорот ги имаме спроведено, рече Петрески. Тој презентираше документи за водење регистар на постапката за јавни набавки, план за јавни набавки, како и акт за ангажирање соодветно стручно лице – координатор за спроведување на законските обврски во процесот на јавните набавки.

Ние за тоа ги известивме надлежните органи, но немаме никаква обврска да ја информираме Антикорупциската комисија за тоа, но доколку тоа таа го побараше сигурно дека ќе ги информиравме, рече Петрески. Тој смета дека целиот случај претствува продолжение на како што рече континуираниот притисок врз локалната самоуптрава во Охрид во изминатите две години. Сето ова се случува на еден ден пред одржувањето на Охридскиот пливачки маратон и на два дена до отворањето на светското ракометно првенство и со цел да се деградира градоначалникот и општината Охрид, рече Петрески. Тој рече дека размислува да ги замрзне сите активности околу организацијата на овие и другите бројни спортски и културни настани што летово се одржуваат во Охрид за да се посвети на барањата на Антикорупциската комисија, УЈП и другите инспекциски органи кои посојано вршат контрола на работата на локалната самоуправа.