Реакциите што околу посетата на Австралија на Петрески се појавија во Македонија, за Охридскиот градоначалник се злоупотреба на неговото отсуство од градот со цел некој и на тоа да заработи политички поени и да ја тргне сопствената одговорност за ескалирањето на проблемот со Охридското Езеро.
– Некоректно е за градот што го претставувам и несериозно кон граѓаните да ги откажам официјалните средби и посети за кои одамна се правеа подготовки од Македонската заедница во Австралија, а инволвирани се Австралиски градоначалници, високи политички претставници и угледни иселеници. Се наметнува прашањето дали сега некој во Македонија сака на ваков начин да ја симне од себеси сопствената вина за енормното покачување на нивото на Охридското Езеро, за што има директна надлежност, злоупотребувајќи ја мојата посета на Австралија, која следеше по неколку месечни аларми од моја страна и молби за средби со владата за на време да се амортизира проблемот. Иако не сум во Охрид, постојано сум во координација со надлежните општински служби и институции кои секојдневно делуваат на терен и се подготвени да се справат со проблемите. – изјави во Сиднеј градоначалникот Александар Петрески, кој најави дека доколку оцени дека ситуацијата со надојденото езеро во Охрид се влоши драстично, ќе го скрати престојот во Австралија.
Градоначалникот Петрески, кој со делегација на општината од денес е во посета на Австралија, утре започнува со договорените средби во Сиднеј. Домаќин на Петрески ќе му биде Бил Серавиновски градоначалник на Рокдаил, општина во Сиднеј со најголем број Македонски иселеници. Во знак на пријателска соработка меѓу Охрид и Рокдаил, Петрески ќе засади дрвце во кругот на општината, а ќе има и официјална посета на парламенот на Нов Јужен Велс.
Петрески срдечно пречекан во Сиднеј