Оваа Локална самоуправа на чело со мене постојано реализира капитални проекти. Граѓаните тоа го гледаат, единствено за тоа не се свесни од ВМРО- ДПМНЕ, вели градоначалникот Александар Петрески, коментирајќи ги постојаните обвинувања од оваа партија дека иако најавени, во последните неколку години во Охрид, не е реализирана ниту една капитална инвестиција.

Најголемата инвестиција од кога сум јас градоначалник е завршувањето на колекторот, затоа што седумте милиони евра за неговото завршување се платија токму во периодот од кога јас раководам со Локалната самоуправа, вели Петрески и додава- капитална инвестиција е и спортската сала, чија изградба чини 2 милиони евра, од кои еден милион плати токму оваа локална самоуправа.

Реализацијата на најавената изградба на современа автобуска станица и пазар, Петрески потенцира дека е спречена од страна на централната власт. – Услов за да се изградат станицата и пазарот е општината да е сопственик на земјиштето. Барање да ни се отстапи сопственоста имаме испратено. Јас ветувам дека штом ова земјиште премине во сопственост на локалната самоуправа, за три месеци ќе почне изградбата на тие два капитални проекти, категоричен е Петрески.

OhridNews