Градоначалникот на Охрид, Александар Петрески, денеска јавно им се извини на Хотелската асоцијација -ХОТАМ и на хотелиерите чии имиња инспекциските служби јавно ги објавија во медиумите.
Проблеми со наплатата на туристичката такса има, но не смее во медиумите да се објавуваат информации кои се деловни тајни, рече Петрески. „Од мое лично име и од име на општинската администрација сакам да се извинам за некои неумесни изјави што се даваат по медиумите. Тоа се деловни тајни кои не смее така да се искажуваат по медиумите и јас на тие хотели кои се спомнати на ХОТАМ им се извинувам и ги уверувам дека такви изјави во иднина нема да се повторат“, рече Петрески.
Запрашан дали против лицата кои ги објавиле таквите информации во јавност ќе се преземат некакви мерки, Петрески рече дека се знае согласно законот за пристап до информации кои работи може да се изнесуваат во јавност. „Не може инспекторите или другите служби да кажуваат непроверени работи“, додаде Петрески.
Тој рече дека сите граѓани во општината знаат дека помалку се плаќа туристичка такса, но не може тоа да се изнесува со имиња и презимиња, бидејќи тоа е работа на една друга постапка, а не за медиумите.
Неодамна на седница на Советот беа изнесени податоци дека годинава наплатата на средства од туристичка такса изнесува 60%, по што во јавност беа презентирани информации за неплаќачите на туристичка такса.
Г. Момироски