Градоначалникот на Охрид и владејачката ВМРО ДПМНЕ отворија нова вербална војна. Овој пат пост-изборно. 

Првиот човек на градот вчера му се пожали  на американскиот амбасадор на проблеми со децентрализацијата и лошата комуникација помеѓу локалната и централната власт.

-Со амбасадорот на САД разговаравме искрено какви се состојбите со децентрализацијата, ЗЕЛС и со централната власт. Некој смета дека зборувам против интересите на државата, но јас не сметам така, затоа што кога разговарате со пријател реално треба да се зборува. Јас секогаш сметам дека за проблемите со кои се соочуваме заради тоа што другите не си ја вршат работата, треба да се разговара со пријателите. Само така може да се решават проблемите и прашањата како што е она основното – за запрената децентрализација. Тоа е проблем на чие решавање како потреба за вистинска демократизација на општеството укаажува меѓународната заедница, но централната власт нема желба да го спроведе, истакна по средбата со Филип Рикер, градоначалникот Петрески.

Рикер дипломатски укажа дека во САД локалната самоуправа всушност е клуч за успехот на државата. „Демократијата излегува од локалната заедница“, подвлече американскиот амбасадор.

На ставовите изнесени по средбата на охридскиот градоначалник со американскиот амбасадор со соопштение регираше општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ, од каде го обвинуваат Петрески за наеуспех и хаос во градот. Во соопштението се вели:

„Господине Петрески, јавноста е свесна дека Владата на Република Македонија е подеднакво отворена за соработка како и за другите општини во државава така и за општина Охрид. Дококу сте сериозен градоначалник, ќе застанете сериозно и зад сопствениот неуспех наместо вината за нереализираните проекти да ја префрлате на Централната власт.

Срамно е и понижувачки и во вториот мандат да се служите со истите лаги дека некој ве блокира, заборавајќи дека ништо од тоа што ветивте не исполнивте, ни автобуска, ниту 50-те фонтани, ни жичара, ниту колекторот во Пештани….

Се прашуваме кој е крив за хаосот што сега му се случува на Охрид, за урбаната деградација  и за дополнителните долгови што му ги нанесовте на градов“, стои во соопштението на ОК ВМРО ДПМНЕ – Охрид.

Ohridnews