Повод за нивната денешна заедничка прес конференција беше одлуката на Министерството за финансии од буџетската сметка на Општина Струга без претходно предупредување да повлече 4.331.393 денари, што според Мерко е направено незаконски.
Градоначалниците, како и директорот на Меѓуопштинското јавно претпријатие „Проаква“ Бранислав Трпчески, појаснија дека се работи за спорна наплата на долг во врска со кредит наменет за подобрување на водоснабдувањето во Струга и Охрид, проект за кој беше нагласено дека воопшто не е извршен технички прием и за што уште пред три години се известени надлежните институции.
Станува збор за кредит на Европската банка за обнова и развој, во висина од 4 милиони евра наменет за изградба на цевковод од струшкото село Горна Белица до Заграчани. Според градоначалниците на Охрид и Струга, кредитот е потрошен ненаменски, поради што и проектот не е прифатен од „Проаква“.
– Тие четири милиони евра се потрошени ненаменски, поставени се помали цевки кои често пукаат и создаваат дефекти. Досега има над 60 зафати за санирање дефекти за што „Проаква“ има инвестирано над милион евра. Не е направено она што е предивдено со проектот. До денеска не е извршен технички прием на проектот. Известени се сите инспекции и институции на кои им нудиме докази дека не е направено предвиденото, истакна Петрески.
Тој посочи дека проектот што датира од 2001 година не е реализиран како што е предвидено.
– Направен е криминал. Не може ние да го отплаќаме тој кредит, бидејќи е криминален. Доколку го потпишеме техничкиот прием на водоводот и ние терба да влеземе во криминал. Општините Охрид и Струга и Проаква не располагале со средствата од кредитот, ниту имале надзор врз кредитот. Одговорноста треба да се констатира, и оној што потпишал дека е направено како што е, а не согласно договорот, нека си поднесе одговорност, појасни Петрески.
Директорот на МЈП „Проаква“, Трпчески, објасни дека градежниот зафат за цевководот го вршела италијанската фирма „ББМ“, избрана од КФВ банката која покрај кредитот од ЕБРД, за реализацијата на проектот дала грант, а истовремено го определила и надзорниот орган што ја следел изградбата на водоводот.
Според градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, се работи за хајка на централната власт што негативно ќе влијае врз нормалното функционирање на работата на Јавното претпријатије „Проаква“ но и на општината.
На прес-конференцијата беше побарано Министерството за финансии да ги врати назад запленетите средства од општинската сметка на Струга, а градоначалниците побараа итна средба со премиерот и надлежните институции на која ќе се разговара за настанатиот проблем. Во спротивно тие најавија дека ќе организираат протести, а за случајот ќе бидат известени и претставниците на меѓународната заедница во земјата.