Градоначалникот на Охрид, Александар Петрески, стави потпис за реализација на буџетот на општината, кој со амандман на новото советничко мнозинство беше зголемен за 99 милиони денари. Петрески вели дека не го променил ставот дека буџетот имал техничка грешка и дека е многу обемен, но вели дека грешката била исправена на координацијата одржана деновиве. Тој изрази надеж дека деновиве и надлежното министерство ќе го одобри буџетот по што ќе отпочне неговата реализација.
Петрески во разговор со новинарите најави реализација на повеќе капитални проекти и ја потврди информацијата што ја објави “Ohridnews“, дека изградбата на голф терените и суперлуксузниот хотел кај Горица ќе се реализира годинава.