Ветувам дека Охрид ќе биде  локомотивата на Република Македонија  за влез во Европската Унија, изјави денеска на свечениот чин на врачувањето на решението за градоначалник, Александар Петрески.

Градоначалникот Петрески рече дека е поикусен за четири години и вети дека  во наредните четири години ќе биде уште поуспешен.


Им се заблагодарувам на сите граѓани кои  го искористија своето демократско право  и излегоа на фер и демократски избори, без разлика за кого гласаа, рече Петрески и најави дека ќе ги повика на разговор останатите кандидати за градоначалник на Охрид, како што рече, заеднички да се обидат да реализираат дел од проектите со кои тие настапија во рамките на кампањата на локалните избори 2009.


Старо-новиот градоначалник денеска изрази надеж дека општина Охрид ќе има одлична соработка со Владата, зашто според него, тоа е обврската и на градоначалникот и на локалната самоуправа.

Уверението за извршување на градоначалничката функција му го врачи претседателката на Општинската изборна комисија, Марика Ангелеска, која во оваа пригода кажа дека комисијата вложила многу труд и напор и се придржувала до изборниот законик.


Александар Петрески по вторпат, едно по друго го добива градоначалничкиот мандат во Охрид. Уверението за првиот градоначалнички мандат му беше врачено на денешен ден пред 4 години.

А.Р.