Градоначалникот на Охрид, Александар Петрески, кој  е и кандидат за градоначалник на СДСМ, денеска во основното училиште „Братство единство“ свечено ги отвори просториите што општината ги намени за невладините организации и здруженија на граѓани.


„ Во рамките на нашите можности, целиот изминат период од мојот прв мандат, максимално се трудевме  да им помагаме на сите невладини организации и здруженија. Некои ги помагавме во нивните програмски активности, други помогнавме  во нивните гостувања надвор од земјава, а за трети обезбедивме просторни услови. Соработката со Младински совет на Охрид резултираше со  подготвување на Локален акционен младински план на општина Охрид за периодот од 2009 до 2012 година“, изјави по чинот на отварањето на новите простории, Петрески.


Тој денеска најави дека  во Охрид ќе се формира детски парламент, општински сервис за грижа на стари и изнемоштени лица, општински социјален фонд, посебни програми за  лицата со посебни потреби, бесплатни курсеви за странски јазици и информатика,, бесплатни учебни помагала, 50 ученички и исто толку студентски стипендии за социјално загрозените деца, како и адаптација  на постојните и изградба на нови инфраструктурни зафати во функција на лицата со посебни потреби.


Денеска беше потенцирана соработката на општината со центарот  „Порака“, здружението на телесни инвалиди, здруженијата на слепи, глуви и наглуви, здружението на инвалиди на трудот, женскиот центар „Бисера“, здружението на „Египќаните“, еколошките друштва „Грашница “ и „Јагода“, градскиот хор, фолклорните друштва, како и со младинскиот совет на Охрид.

Ohridnews