ЕВН не смее да ја исклучи струјата на МЈП Проаква, бидејќи во тој случај 150.000 луѓе ќе останат без вода за пиење и ќе биде предизвикана еколошка катастрофа, предупреди денеска градоначалникот на Охрид, Александар Петрески. Доколку биде исклучена струјата на Проаква со работа ќе престане колекторот, а фекалиите ќе се излеат во Охридското Езеро, рече Петрески.Тој посочи дека најголемиот дел од долгот од 1 милион евра кој МЈП „Проаква“ го има кон ЕВН се однесува на неплатена струја за колекторскиот систем за што директна одговорност сноси државата која според законот се грижи, но и стопанисува со Охридското Езеро.
од денешниот прес
Доколку не се изнајде решение за трошоците за колекторот и „Проаква“ биде исклучена од електро системот, општината Охрид ќе ја тужи државата, најави Петрески. Тој искажа разочарување од односот на сите досегашни влади кои како што рече не презеле ништо за решавање на проблемот со колекторот кој е препуштен на општината.
Петрески на новинарите им изјави дека доколку ЕВН помисли да ги исклучи од електро системот пумпите од водоснабдителниот систем и општината ќе преземе радикални мерки и нема да и дозволи пристап на ЕВН до трафостаниците за кои општините Охрид и Струга тврдат дека се во нивна сопственост.
Градоначалникот Петрески најави дека по интензивните разговори во текот на вчерашниот ден со ЕВН било договорено во понеделник во Охрид да се одржи нова средба помеѓу претставници на општината и австриската компанија со цел да се изнајде решение за проблемот. Инаку водоснабдувањето на Охрид денеска се одвива нормално откако вчера ЕВН 5 часа ја исклучи Проаква од електро системот во знак на предупредување за неплатениот долг во висина од 1 милион евра.
Г. Момироски