Наследените долгови се уште претставуваат најголем проблем за Општината Охрид која поради тоа се уште не може да влезе во втората фаза од децентрализацијата, информираше градоначалникот Александар Петрески во годишното обраќање во Советот. Заклучно со 31.12.2007 општината Охрид има долг од 273 милиони денари, од што 195 милиони се тужбени барања, рече Петрески. Долговите  на општината се двојно намалеми во однос на 2005 година кога изнесувале 551 милиони денари без камати, но постојано пристигнуваат нови судски извршни решенија, рече Петрески.


годишно обраќање на градоначалникот Петрески

Тој изрази оптимизам дека со влегување во втората фаза на децентрализација долговите на општината ќе бидат подмирени најдоцна до крајот на третото тромесечие. За таа цел општината бара од државата позајмица или одобрување за кредитно должување. На тој начин долговите на општината ќе ги вратиме со многу помали камати, рече Петрески.Тој посочи дека поради милионските долгови жиро сметката на општината е блокирана поради што многу комунални и инфраструктурни проекти не можат да се реализираат.

Петрески во своето обраќање 2007 година ја оцени како година на стопирање на процесот на децентрализација и отсуство на волја кај централната власт за решавање на проблемите на општината Охрид. Тој ја обвини централната власт за незаконско однесување со што според него се забавува развојот на општината. Поделените ингеренции во урбанизмот, неможноста општината да располага со природните богатства, пред се Езерото, прелевањето на средствата од наплатата на таксите и даноците во буџетот на државата, попречувањето на општината да располага со сопствениот имот, немањето ингеренции во областа културата и нејзино задолжување по основ на експропријација се причина за забавениот развој рече Петрески.

Тоа секако не е и не треба да биде оправдување за работата на општината рече градоначалникот. Тој како мошне позитивна ја оцени работата на локалната самоуправа во минатата година. Петрески се пофали дека и покрај сите проблеми општината во текот на минатата година асфалтирала 30 километри пат, поплочени биле 35.000 метри квадратни јавни површини, изградена била 7 километри улична мрежа, 9000 метри квадратни фекална канализација, 4 спортски терени и исчистени биле 9 километри канали и речни корита.


обраќањето на Петрески го следеа бројни новинарски екипи

Петрески најави повеќе инфраструктурни зафати во  2008, меѓу кои и уривање на старата градска библиотека, како и изградба на канализациона мрежа во Велгошти, Лескоец и Пештани и изградба на улицата Железничка кои се влезени и во програмата за инвестиции на Владата.

Горан Момироски