Очекуваме во првите три месеци во Новата година конечно да ги санираме долговите кон доверителите и конечно општина Охрид да се ослободи од големите притисоци кои го кочат развојот на општината. Ова денеска го изјави градоначалникот на Охрид, Александар Петрески, на предновогодишната средба со претствници на локалните и националните медиуми.

Оптоварени од долговите и блокираната жиро сметка, се правеа грешки за кои сме свесни, рече Петрески, кој најави дека во решавањето на најгорливиот проблем на општината ќе се отворат големи можности развој во 2008 година. 2008 година ќе биде клучна година во која општина Охрид ќе застане на здрави ноѕе, рече Петрески.


Петрески на средба со новинарите

Тој денеска за прв пат јавно ги соопшти долговите на општината кон најголемите доверители: Гранит 66 милиони денари, Кратер, 100 милиони денари, ЕВН 33 милиони денари и кон ЕМО 18 милиони денари, за што беше побаран и одобрен ребаланс на буџетот. Причина за тоа како што истакна Петрески се доспеаните судски извршни решенија, поради што биле повлечени голем дел од буџетските средства на општината. Најголемиот дел од нив биле повлечени од ставката за уредување на улици и патишта, поради што Фондот не ја реализира во целост предвидената програма.

Инаку Петрески на средбата со новинарите изрази задоволство од нивниот професионален однос и начинот на кој тие ги презентираат информациите за случувањата во Охрид.

Градоначалникот Петрески во својот кабинет денеска имаше средба со малчите дечиња од градинката „Јасна Ристеска“ и членовите на детската играчка група „Бумбарчиња“, кои му честитаа Нова година, а за возврат добија пакетчиња.


Средба на Петрески со децата од градинката „Јасна Ристеска“

Г. Момироски
фото:В. Бујароски