– Имаме потполно рабирање со претпријатијето „Сузуки“. А, во интерес е и на граѓаните на Охрид што поскоро да се раскинат сегашните договори за концесионирање со паркинзите за да може да се воведе нов пофункционален начин на паркирање. Убеден сум дека нема да има судски процес туку дека тоа ќе го постигнеме со преговори со цел да не ја оптоваруваме општината со нови пресуди кои можат да ја блокираат сметката на локалната самоуправа, рече Петрески.
Градоначалникот појасни дека ЈП „Билјанини извори“ покрај со паркингот кај старата НАМА, од неодамна стопанисува и со паркингот кај Ривиера, а наскоро под негова капа ќе биде и паркингот кај пазарот, како и катните гаражи кои треба допрва да се изградат. Дел од паркиралиштата повторно ќе бидат издадени под концесија, затоа што јавното претпријатије не е во можност да ја набави потребната опрема за нивна модернизација, како што е случај со паркингот на улицата „Македонски Просветители“ посочи Петрески.
– Во овој момент, а и во блиска иднина јавното претпријатије не е подготвено да стопанисува со овој паркинг, затоа што треба сериозна инвестиција од неколку стотини илјади евра за поставување тајмери и друга опрема. Меѓутоа, сите пари собрани од тие паркинзи ќе одат во касата на јавното претпријатије. Истото ќе важи и за паркинзите кои ќе се изградат на плажите со што Ј.П. „Билјанини извори“ ќе биде едно од посилните јавни претпријатија не само во Охрид, туку и пошироко, вели Петрески.