Покрај тоа што со месеци ништо не прават околу состојбата со Охридското Езеро и за се ја обвинуваат опозицијата, членовите на Владата на Никола Груевски уште еднаш ни ја потврдуваат својата морална нискост и политичка неодговорност, изјави денеска во Пештани, градоначалникот Александар Петрески.
-Сакам да ја информирам јавноста дека Директорот на центарот за управување со кризи Панде Лазаревски вчера замина на службено патување во Париз. Замислете, најповиканиот човек согласно Законите за справување со кризните ситуации и во Охрид и во другите делови на Македонија, член на ВМРО ДПМНЕ, партијата која цела недела организираше хистерични напади против мене, од вчера не е ниту во Охрид, ниту во Македонија, но е во Париз –рече Петрески. Тој го праша премиерот дали има морал, чест и кредибилитет. Го праша каде му се охридските пратеници и платените демонстранти да излезат и да протестираат за патувањето на Панде Лазаревски.
-Ајде сега одржете неколку прес конференции за вашиот војник Панде Лазаревски и осудете го. Ајде г-дине Груевски,излезете пред македонската јавност и повикајте си го својот партиски војник да се врати во Македонија и веднаш да дојде во Охрид. Наместо да држите глупави прес конференции и да ја забавувате јавноста со невистини, зафатете се со работа-му порача Петрески, потсетувајќи го дека сеуште не одговорил на прашањето-Зошто цели три месеци ЕЛЕМ го држеше Охридското Езеро на недозволиво високо ниво и не ја испушташе водата.
OhridNews