Синоќа во Охрид беше презентирана кампањата „Можеме и мораме- фер избори 2008 “ што ја спроведуваат  Националниот демократски институт, граѓанската асоцијација „Мост“ и Македонското женско лоби.
  
„ Политичките партии мора да се борат за да ги заслужат гласовите на граѓаните, но на демократски начин, а не со закани, притисоци и уцени“, рече амбасадорката на Кралството Холандија во Република Македонија, Симоне Филипини, која заедно со  швајцарската амбасадорка, Никол Виршл зеде учество на презентацијата. Филипини потенцира дека изборите мора да бидат фер, демократски и мирни, зашто  од тоа зависи и  дали Република Македонија  ќе добие покана на влез во ЕУ и додаде дека ни туристите не сакаат небезбедни места. Холандската амбасадорка најави дека за време на изборите, в недела, ќе биде во меѓународната набљудувачка мисија во Охрид и ќе остане се до затворањето на изборниот процес.
   
„ Држете поголема линија на толеранција, а тоа ќе ви овозможи услови за  добри избори“ им порача  на политичките партии во Охрид, амбасадорката на Швајцарија, Никол Виршл.
   
И градоначалникот, Александар Петрески, со апел до партиите да не го нагрдуваат градот со плакати каде што не им е местото зашто може да се смета дека туристичката сезона е веќе започната. Тој замоли, по завршувањето на кампањата, подмладокот на партиите да го отстрани изборниот рекламен материјал.


Апел за фер избори:амбасадорката Филипини и градоначалникот Петрески

   
На промоцијата на кампањата во Охрид учествуваа и претставници од политичките партии  ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА.
   
Во насока на почитување на кодексот на  однесување на  политичките партии, Анита Кипаризовска – Крстеска истакна дека не го сфаќа како лист хартија и дека партијата ВМРО-ДПМНЕ и нејзините кандидати за пратеници  немаат искажано сериозни обвиненија против политичките противници.
   
„ Одговорноста од евентуални лоши избори ќе ја сносат и позицијата и опозицијата“, рече Бранислав Трпчевски од СДСМ. Според него, власта треба да покаже доблест и да спроведе фер и демократски избори, а никако не смее да ги користи своите институции за изборни цели.
   
„За инцидентите кои се случуваат за време на избори не е виновен електоратот, туку поединци кои се поттикнати од одредени политички структури“, појасни Недим Положани од ДУИ.
   
И  Садула Бекиру од ДПА апелира до политичките партии да покажат поголема толеранција, а граѓаните да гласаат по своја волја.
   
Кодексот на однесување за време на избори го имаат потпишано 36 партии во Република Македонија. Граѓаните, неправилностите во текот на кампањата можат да ги пријават на бесплатната телефонска линија 080-080-080.

Александра Ристоска