Голема чест и признание е да се добие наградата што го носи името на Прличев, истакна Петре Бакевски кој за поемата „Атлантида“ ја доби наградата „Григор Прличев“ за 2008 година. Наградата свечено му беше врачена денеска, на првиот ден од Прличевите беседи.


– Ако постои врв во македонската поезија и нашата поетска традиција, во големиот дострел на македонскиот дух тоа е Григор Прличев. Неговите “Сердарот” и “Скендербег” се култни поеми, кои се предизвик за секој современ македонски поет, рече Бакески.


Тој кажа дека негов сон било да напиша поема која ќе триумфира на конкурсот што го носи славното име на Прличев. „Се чувствувам горделиво исполнет со едно високо чувство дека сум поетски потомок на Вториот Хомер, на човекот што високо го воздигна македонскиот дух, што го крепи оваа голема духовна традиција, која и во овие современи разнебитени македонски времиња кога од сите страни ни е нападнат идентитетот и ни се одрекува правото на нашата историја, кога со сите сили Македонецот се обидува да опстои на својата земја и да покаже дека пред целиот свет дека не е народ со кревки корени, туку со длабоки духовни вредности и големи историски, книжевни и културни наследства, тоа го потврдуваме и со големиот творечки дух на Григор Прличев“. – изјави Бакески. Нему денеска му беше врачена наградата во висина од 1500 евра што ја доделува „Просветно дело“, како и резба со ликот на Прличев.


Беседа за добитникот на Прличевата награда, одржа академик Митко Манџуков. Според него поемата „Атлантида“ е комплексно дело во кое провејува една глобална метафора врзана за судбината на Македонија.

– Во делото исчезнатата митска земја  Атлантида се поврзува со судбината на Македонија, а сето тоа Бакески  мајсторски го изработил, рече Манџуков.


Прличевите беседи денеска ќе продолжат со традиционалната Охридска визита, што ќе се одржи во градската библиотека која го носи името на Вториот Хомер.

Ohridnews