Центарот за развивање животни вештини БОБ – Црвен крст Охрид овој месец ја испрати и 15. генерација генијалци кои ја завршија комплетната, од десет нивоа, интернационална програма Бреинобреин. Станува збор за учениците Ема Савеска и Стефан Трајчески, велат од Црвен крст Охрид.

Ема е ученичка во петто одделение во ООУ„Св.Климент Охридски“ – Охрид. Оваа година постигна одлични резултати на натпреварите од различен ранг, завршувајќи ја истата со освоени втори места на државните натпревари по природни науки и англиски јазик. Голем љубител е на спортот, посебно на ракометот и пливањето. Стефан е ученик во шесто одделение во ООУ „Христо Узунов“ – Охрид. Негова најголема љубов се природните предмети, особено математиката. Оваа година Стефан на натпреварите  освои второ место на регионалниот и трето место на државниот натпревар по математика. Неизоставен дел  од нивните награди се и многубројните освоени трофеи, златни медали на БОБ натпреварите организирани на национално и интернационално ниво. И двајцата меѓу своите соученици се препознатливи по својата упорност, истрајност, посветеност, работливост, ненаметливост, потенцираат.

Центарот за развивање на животни вештини Бреинобреин – Црвен крст Охрид работи под франшизерство на Бреинобреин академијата од Ченаи, Индија од 2010 година.

Во центарот се имплементира едукативна програма преку проверени и признаени едукативни техники базирани на Неуро лингвистичко програмирање (НЛП) и Абакус ментална аритметика (МА) кои го поттикнуваат мозочниот потенцијал кај деца од 4-14 годишна возраст за стекнување, развивање и потврдување на способностите за концентрација, фотографска меморија, нумерички и вербални способности, способности за учење, креативност и имагинација, лидерство, самодоверба, визуелизација, решавање на проблеми. Оваа светски призната и докажана програма ја спроведуваат високо професионални тренери со искуство во работа со деца и обучени од страна на меѓународни инструктори, додаваат од Црвен крст.

Центарот БОБ-Црвен крст Охрид продолжува со својата работа во септември, кога се предвидени и уписи за нови деца од 4-14 годишна возраст.

OhridNews