На аукција во Лос Анџелес биле продадени 15 статуетки Оскар за околу 3 милиони долари. Златната статуа која Херман Манкевич ја освоил во 1941 година за најдобро сценарио за филмот „Граѓанинот Кејн“ била продадена за околу 588 илјади долари. Статуата која филмот „Cavalcade“ ја освоил во 1933 година за најдобар филм била продадена за нешто повеќе од 332 илјади долари.
На аукцијата биле понудени и Оскарите на Роланд Колман од 1947 година, кој го освоил за најдобра главна улога во филмот „Двоен живот“, како и на Чарлс Кобурн, кој го освоил за најдобра споредна улога во филмот „The More The Merrier“. Истата аукциска куќа во декември ја продала статуата на Орсон Велс за филмот „Граѓанинот Кејн“ за близу 900 илјади долари.