Нема место за паника, досега во државава нема потврден случај на сојот на коронавирусот „кракен“, изјави за МИА Александар Петличковски, претседател на Комисијата за заразни болести.

Сѐ уште нема регистрирано кај нас, бидејќи последното секвенционирање на позитивните примероци на ковид е направено на 5 декември и во таа рунда на секвенционирање, не е откриен овој сој, „кракен“. Засега нема точна информација кога би било следното, отприлика на месец дена се прават тестирањата. Веројатно следните денови би имало нова рунда на секвенционирање, појасни Петличковски.

Но, од податоците што ги имаат од САД и од Европа, како што нагласи, не се очекува некаков драматичен пресврт ни со оваа нова варијанта.

Таа е малку повеќе заразна од претходните, како што сите нови варијанти што се појавуваат во изминатите месеци се однесуваат, стануваат малку повеќе заразни и малку поблага клиничка слика предизвикуваат на болеста. Така да, не очекуваме некој драматичен пресврт ниту со таа варијанта, истакна Петличковски.

Тој информираше дека Комисијата за заразни болести следната недела ќе има состанок и в среда ќе се разгледува состојбата.

Но, на терен, извештаите од болниците укажуваат на навистина стабилна состојба. Вкупно 30 хоспитализирани лица минатата недела, ниедно од нив на инвазивна вентилација, вкупно два смртни случаи, сѐ е како во последните три-четири месеци. Многу стабилно. Апсолутно нема простор за паника, додаде Петличковски.

Доминантниот сој на коронавирусот, омикрон, доби подваријанта ХББ.1.5, позната како „кракен“, што брзо се шири низ САД, како и низ дел од европските држави.

Од балканските држави, во Србија засега нема официјални информации за присуство на кракен, но, како што пишуваат дел од српските медиуми, се очекува да има наскоро, бидејќи подваријантата веќе се појави во Романија.

OhridNews