Доколку како политичка партија бидеме и натаму третирани на овој начин како и досега, беспредметно е и натаму да учествуваме во Владата, изјави синоќа во Охрид лидерот на Новата социјалдемократска партија – НСДП, Тито Петковски. За него нелогичен е трансферот од НСДП во ВМРО ДПМНЕ ако и двете партии ја подржуваат владата, зошто како што рече, „интересно би било доколку владејачкото мнозинство се засили со некој пратеник од опозицијата“. „Трансферот на пратеничката Мирјана Секуловска и членови на НСДП од Охрид во ВМРО ДПМНЕ беше некоректен потег, и сакам да верувам дека сепак е тоа потег на општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ од Охрид, а не дека е тоа направено со амин на премиерот“, рече Петковски.
Лидерот на новите социјалдемократи, во Охрид допатува еден ден откако довчерашниот висок член во партијата, пратеничката Мирјана Секуловска, го официјализираше трансферот во ВМРО ДПМНЕ најавувајќи одлив на речиси комплетното членство на НСДП од Охрид
Наспроти ова Петковски го повтори партискиот став дека во ВМРО ДПМНЕ не преминале 300 членови на НСДП од Охрид, туку дека станува збор за 13 луѓе кои, како што рече, се блиски роднини кои што отишле на раководни функции именувани од сегашната влада. „Тоа се луѓе кои едноставно зависат од добрата волја на г-ѓа Секуловска и апсолутно не станува збор ниту за 100 ниту за 1000, ниту за некаков голем трансфер на членови од НСДП во ВМРО ДПМНЕ. Тоа може да биде само пуста желба“, рече Петковски. Кој и да го режирал ова е лош режисер на онаа драмолетка што можев да ја видам на телевизија, трогателни сцени, циркусот околу потпишувањето на пристапниците. „Веројатно на г-ѓа Мирјана Секуловска и е многу тешко и мора да има некои проблеми. Таа е незадоволна од својот третман во НСДП но онака да се однесува кон луѓето со кои две години другарувала најдобро говори за неа, а кој е режисерот ќе покаже времето“, рече Петковски.Тој ги негираше обвинувањата дека стравува за својата позиција во паријата. „Зошто г-ѓа Секуловска не ги искажа своите забелешки на Конгрес или не формира фракција. Веројатно се уплаши и увиде дека малку направила во поглед на сопственото профилирање како сигурен и перспективен кадар на НСДП. Во време на плурализам секој може да бира каде ќе припаѓа. Доколку г-ѓа Секуловска одбрала помеѓу НСДП и ВМРО ДПМНЕ јас немам ништо против, но не мора да се служи со нечесни средтсва“, вели Петковски.
Петковски вели дека однесувањето на НСДП во владината коалиција е коректно и дека критиките кон владата се составен дел од парламентарната демократија, бидејќи Парламентот е тој кој врши контрола на една влада. НСДП не е Тројански коњ, ниту нелојална партија како што сакаат да наметнат мислење од СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, вели Петкоски. Според него целта на партијата е да изгради сопствен идентитет, а тоа како што рече за две години не е можно.
Во обид да го амортизира ефектот од трансферот на дел од членството во ВМРО ДПМНЕ Петковски вчера престојуваше во Охрид. Тој се сретна со членови на општинската организација, која формално не постои по одлуката за распуштање на Извршниот одбор на НСДП во Охрид, и гостуваше во емисија која се емитуваше на Независната телевија.
Горан Момироски