Mожностите на човечкиот дух во комбинација со силината на мислата и волјата, но и посебни техники на дишење кои ги пременува при секој нов подвиг таканаречениот „човек амфибија“, Јане Петков од Сандански, Бугарија, го доведоа до уште еден успешно реализиран подвиг во водите на Охридско Езеро.

Новиот подвиг на Петков по примерот на светски познатиот илузионист Harry Houdini, подразбираше ослободување од лисиците на рацете и вреќата без никакви помагала.

Истиот го проследија бројни охриѓани и гости на плажата кај Сараиште, каде претходно Петков беше подготвен, пренесен со кајче во водите на Охридско Езеро од кое скокна под вода и за брзо време се ослободи и излезе на површината.

Се чувствувам одлично после овој подвиг. Малку ми беше студено со оглед дека кај нас тренирав во потопла вода, но се се заврши успешно. Немав никакви притисоци пред да влезам во водата бидејќи огромна е енергијата што ја носи мојата мисла. Се навикнав со секој предзивик кој го имам да се справувам лесно и тоа води до успех. Отсекогаш сум размислувал за пространите можности на човковиот дух и затоа си поставувам вакви тешки задачи. Но, последиците не се тешки, човек треба да има знаење како треба да ги постигне, вели Петков.

Потенцира дека секој предизвик е тежок, но нема невозможни работи се може да се постигне, треба човек само да верува.

Цел живот ја одржувам кондицијата и сум подготвен секогаш за некој предизвик. Не сум размислувал за следниот подвиг, но мислам да направам нешто тука во Европа, а може и пак во Охрид, зошто многу го сакам Охрид, духовен центар со прекрасното Охридско Езеро. Тајната за одржување на добра физичка кондиција е хармонијата на трите основни енергии: чувствата, умот и волјата. Ако се овие три основни енергии во хармонија се постигнува се, истакна Петков.

Настанот беше во рамки на Ohrid Water Festival 2024, а во организација на Црвен крст Охрид со поддршка на ПК Охридски бранови 2008 Охрид и Нуркачкиот центар Акватек.

Инаку, ова е втор настан кој Црвен крст Охрид го организира со Јане Петков. Првиот, спортско- медицински настан за Гинисов рекорд од страна на Црвен крст Охрид беше организиран на 10.09.2013 година, кога Петков преплива растојание поголемо од 2 км., на Охридското Езеро, од плажата Орце Николов до Градското пристаниште во Охрид, целосно врзан во вреќа.

На почетокот на 1990-тите, тој постави уникатен рекорд за пливање 2.100 метри под вода во базен за нешто повеќе од еден час, земајќи здив секој пат кога ќе го допре ѕидот. Оттука и неговото име „Човек амфибија“. Има рекорди за препливување на реката Дунав врзан во вреќа.

Н.С.Ј.

фото. Б.Стојаноски