На подрачјата на сите сектори за внатрешни работи вчера беа реализирани низа превентивни активности првенствено фокусирани на учениците, со цел да се спречи употребата на пиротехнички средства во пресрет и за време на претстојните празници, информираат денеска од МВР.

Во рамки на заедничките активности на МВР и Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија од Скопје „Петарди НЕ, безбедност пред се“, било посетено тетовското Средно земјоделско училиште „Моша Пијаде“. Лекари од оваа клиника во содејство и координација со полициски службеници од Отсекот за превенција на Секторот за внатрешни работи Тетово одржале стручни предавања на кои посебно бил нагласен ризикот од употреба на пиротехнички средства по здравјето на луѓето, пред се од повреди на рацете, очите и другите делови на телото. Покрај ова, учениците поблиску биле запознати и со законските импликации од набавување, продажба и од активирање на петарди и други пиротехнички средства. Тие биле информирани и дека продажбата и активирањето на вакви пиротехнички средства, покрај прекршочно може да се санкционира и со кривични пријави, зависно од околностите и крајните последици.

Вакви предавања биле одржани и на подрачјето на СВР Охрид, во средните училишта „Нико Нестор“ и „Ибраим Темо“ во Струга, на кои присуствувале околу 400 ученици. На територија на СВР Скопје заедничките активности на МВР и Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија беа спроведени во Спортската гимназија „Методи Митевски-Брицо“, а превентивни активности за штетните последици од употребата на пиротехниката биле спроведени и во ОУ „Гоце Делчев” во населба Илинден, ОУ „Бајрам Шабани” во село Кондово и ОУ „Дрита“ во село Рашче.

Предавања на оваа тема биле одржани и во средното општинско училиште „Коле Нехтенин“ во Штип, основното општинско училиште „Ванчо Китанов“ во Пехчево, Општинските основни училишта ,,Страшо Пинџур” и ,,Гоце Делчев” во Неготино.

OhridNews