Петар Цеков од ПК “Вардар” во машка и Сара Јанковиќ од ПК “Скопје” во женска конкуренција, се победници на 45 издание на Илинденскиот мал пливачки маратон што се одржа денеска на Охридското Езеро.
Во конкуренција на шеесеттина пливачи од земјава и странство, патеката долга 2,5 километри од Горица 1 до Охрид прв ја мина Петар Цеков со време 29.19.53 минути.
- Честит Илинден на сите Македонци. Четврти пат го пливам малиот маратон и чест ми е што победив, изјави победникот Петар Цеков.
Втор на целта во машка конкуренција пристигна Кристијан Стојановски од ПК “Скопје”, а трет беше Теодор Тасевски од ПК “Вардар”.
Најбрзата во женска конкуренција, Сара Јанковиќ малиот маратон го преплива за 32.18.68 минути.
- Учествував на малиот маратон и минатите години, но чувството да се победи е супер, истакна Јанковиќ.
Втора во женска конкуренција беше Јована Неделковска од ПК “Скопје” а трета на целта пристигна нејзината сестра Ивана Неделковска од ПК “Скопје”.
Најдобри од охридските пливачи беа Ведран Томчов од ПК “Аква спирит” и Валентин Тренески од ПК “Охридски бранови”.
- Имам 17 години и прв пат го пливам малиот маратон. Иако не сум маратонец искуството беше одлично, изјави Ведран.
- Ова ми е 5 учество на малиот маратон и годинава остварив најдобро време, па се чувствувам супер, истакна 17-годишниот Валентин.
Маратонот се одржува во организација на Клубот за спортови на вода „Охридско бранови 2008“ под покровителство на Советот на Општина Охрид.
Во конкуренција на млади пливачи од 8 до 15 години кај момчињата најбрзи беа Никола Велковски ПК “Вардар”, Никола Ценов ПК “Вардар” и Александар Поповски ПК “Скопје “, а кај девојчињата Калина Трпчевска ПК “Делфини” Скопје пред Теодора Колчевска од ПК “Младост” Скопје и Матеја Јанковска.
Наградите на најдобрите пливачи им ги врачи претседателот на Советот на Општина Охрид Перчо Божиноски.
Илинденскиот пливачки маратон на Охридското Езеро е третата трка од Македонскиот куп во далечинско пливање.
Г.М.
Фото: Охридњуз