Охридските кошаркари во сабота со почеток во 18 часот против тимот на Куманово ќе го одиграат првиот меч пред своите гледачи во новата сезона во Првата лига.

„Галебите“ имаа одличен почеток на втората сезона во елитата победувајќи го составот на Струмица со 90-76 на гостински терен.

– Очекувам тврд и неизвесен натпревар во кој ќе одлучуваат мотивите за победата и нијансите. Кумановчани против нас ќе бараат рехабилитација за поразот на стартот од сезоната од Работнички, додека ние имаме обврска да одиграме добар натпревар после победата над Струмица. Мечот со Куманово може многу да значи од оние бодови кој ќе добие победникот, бидејќи се работи за директен ривал во борбата за пласман во плејофот. – изјави Петар Чочороски.

На последниот тренинг на соиграчите им се приклучи и Лијам Томас, кој ги пропушти мечевите со Струмица и Борац Чачак во Втората АБА лига поради повреда и ќе биде во стројот за дуелот со кумановчани.

Како и до сега од мечевите на АВ Охрид во Првата лига ќе има директен пренос на Ohrid News кој ќе започне десеттина минути порано.

OhridNews