Македонските каратисти се закитија со девет медаљи на Балканскиот шампионат, кој се одржа во Охрид.
Емил Павлов, Тодор Ристески, Иво Цветковски и Берат Јакупи и женскиот ката-тим (Мишела и Маријана Димоски и Поликсенија Јованоски) се нови балкански шампиони за 2014 година
Сребро освоија Симона Заборска и Мурат Куртиши, а со бронза Дејан Црниќиќ, како и машкиот тим, сите во борби.
Ова е епилогот од Балканското првенство викендов во Охрид, во конкуренција на над 250 натпреварувачи од 10 држави. Учеството го откажаа Грција и машката селекција на Турција.
Во македонското финале, актуелниот европски првак од Будимпешта годинава, Павлов (категорија до 60 кг), го совлада Мурат Куртиши. Ристески (до 67 кг) во финалниот дуел славеше над Босанецот Марин Хркач. Цветковски (до 67 кг), со сигурен настап го победи Србинот Богдан Мишовиќ. Јакупи (до 84 кг) како последен македонски финалист славеше против Хрватот Иван Квесиќ.
Во женското екипно ката-финале, прилепчанките, сестрите Димоски и Јовановска до златото дојдоа откако во полуфиналето ја совладаа Словенија со 3-1, а во финалето Турција со 3-2. Членката на Макпетрол, Заборска (до 55 кг), го освои сребрениот медал откако во финалето загуби од Србинката Јована Перковиќ. Црничиќ (до 67 кг) за бронза во репасажот убедливо го совлада Жељко Крстин од Србија. Во кати, Србинката Бисерка Радуловиќ во репасажот ја победи прилепчанката Мишела Димоска.
Женската селекција пак (борби) во 1. коло загуби од Турција со 0-2. Машката репрезентација (борби) ја победи Словенија со 3-1, но во полуфиналето загуби од БиХ со 2-3. Во борбата за бронза беше подобра од Бугарија со 3-0.
Ohridnews