Пет стихозбирки од пријавените 34 автори влегоа во потесен круг за наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга од македонски автор издадена меѓу две изданија на Струшките вечери на поезијата, прнесоа неколку национални медиуми.

Жирито задолжено за доделување на оваа награда во потесна селекција ги издвоило делата: „Лични податоци“ на Владимир Илијевски, „Кожа“ од Наташа Сарџоска, „Полнотија“ на Јован Стрезоски, „Моите веди“ на Вера Чејкоска и „Поврзи ги точките“ на Николина Андова-Шопова. Добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ ќе биде соопштен на 23 август.

Наградата „Браќа Миладиновци“ е востановена во 1963 година како признание за најдобра поетска книга меѓу два фестивала. Таа е најголема национална награда за поетско творештво во Република Македонија, со која Струшки вечери на поезијата повеќе од половина век ги наградува поетските дострели на македонските творци во секоја измината година. Прв добитник на оваа награда беше Матеја Матевски за книгата поезија „Рамноденица“.

Педесет и третите Струшки вечери на поезијата свечено ќе бидат отворени на 21 август со традиционалното читање на Константиновата „Т’га за југ“ и палење на фестивалскиот оган.

Претходно, пред Домот на поезијата во чест на годинашниот лауреат, јужнокорејскиот поет Ко Ун, ќе биде засадено дрвце. Во недела на 24 август на завршната манифестацијата „Мостови“ на Ун ќе му биде врачена престижната награда „Златен венец“.

OhridNews