Петмина беа повредени во сообраќајна незгода која се случи вчера на магистралниот пат Охрид-Ресен во близина на охридското село Опеница. Несреќата се случи помеѓу патничко моторно возило „Тојота“  со битолски регистарски ознаки, моторно возило „Фолксваген Голф“ со струшки регистарски ознаки и товарно возило „Ман“ со албански национални ознаки. Ова е петта сообраќајна незгода која се случува на подрачјето на СВР Охрид од 27 Ноември.

Пред само три дена, на 3 Декември, 68 годишен пешак го загуби животот кога беше удрен од патничко моторно возило управувано од 23 годишно лице на магистралниот пат Охрид- Ресен во близина на охридското село Лескоец. Еден ден подоцна, на 4 Декември се случи сообраќајна незгода на булеварот „Туристичка“  при што учесник беше  едно патничко возило кое удри во електричен столб. Во оваа незгода беше причинета само материјална штета.

Во текот на изминатата недела, пак, на 28.11.2021 година, на регионалниот пат помеѓу селото Подмолје и влез за автокампот „Андон Дуков“, патничко возило „Ландровер“ управувано од 76 годишен стружанец излета надвор од коловозот при што беа тешко беа повредени возачот и сопатничката на 75 годишна возраст. Еден ден претходно на 27.11.2021 година патничко моторно возило изгуби контрола и удри во три паркирани возила на булевар „Туристичка“. За среќа,во оваа сообраќајна незгода немаше повредени лица и беше предизвикана  поголема материјална штета.

Со цел зголемување на безбедноста на сообраќајот, од 2018 година од страна на  МВР  се спроведуваат засилени акциски контроли за санкционирање на возачи кои ги кршат правилата во сообраќајот, возат пребрзо или пак возат под дејство на алкохол. Брзото возење е еден од причинителите на сообраќајните незгоди со потешки и фатални последици, а нормативно-репресивните механизми од страна на МВР биле и се насочени токму кон овој прекршок, истакна Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски  во рамки на вториот состанок на Опсерваторијата за безбедност на патиштата кој се одржа во Скопје.

И во последниот полициски извештај од 5.12.2021 од спроведената акциска контрола, повторно се бележат санкции за возачи кои управувале моторно возило под дејство на алкохол. Вкупно 68 возачи се санкционирани на територијата на СВР Охрид за пребрзо возење.

68 возачи се санкционирани во рамки на акциската контрола спроведена на 5.12.2021 од 11 до 15 часот кои ја пречекориле максимално дозволената брзина. Од нив, 20 на територија на Охрид, 29 на територија на Струга, 12 на територија на Кичево, а седум на територија на Дебар. За време на викендот, на подрачјето на СВР Охрид биле регистрирани и 8 возачи кои возеле под дејство на алкохол од кои  2  од Охрид, 4 од Струга и 2 од Кичево, информираа од СВР Охрид. 

Со цел зголемување на безбедноста на патиштата ќе биде  формирана агенција за безбедност на патиштата која е во завршна фаза, најави денес Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски. Целта на новото извршно тело ќе биде создавање модели за координација на активностите за подобрување на безбедноста преку безбедна инфраструктура, квалитетни обуки на возачите, проценки кои се безбедни возила кои можат да се вклучат во сообраќајот, обуки на службите за реакции по сообраќајни несреќи и сет други мерки кои значително ќе ја зголемат безбедноста на патиштата.

Инаку,  Националната транспортна стратегија за 2018-2030 има за цел намалување на бројот на жртви по патиштата за 50 проценти.

K.A.