Ракометарите на Охрид во младинска конкуренција го задржаа максималниот ефект после пет одиграни мечеви совладувајќи го битолски Пелистер со 26-20 (10-12) во СРЦ „Билјанини Извори“.

„Гладијаторите“ не го одиграа најдобро првото полувреме. Гостинските ракометари го контролираа резултатот и на охриѓани им дозволија само едно водство (6-5). Ситуацијата на теренот и бројките на семафорот драстично се променија во вториот дел. Охрид ја стегна одбрана, а нападот почна да ги капитализира плодовите од одбраната за победа изразена од шест голови на крајот од мечот (26-20).

Најпрецизен во охридскиот состав беше Наум Костов со осум погодоци, по пет реализираа Даниел Андоновски и Мартин Ивановски, три постигна Лазар Петровиќ, а по него следуваа, Кристијан Димитриески со два и Николче Ристески, Виктор Буџакоски и Михаил Ивановски кои по еднаш се запишаа во листата на стрелци. Кај гостите со шест погодоци прв стрелец беше Драган Стеваноски.

Во шестата рунда охридските ракометари гостуваат кај тимот на Работнички.

OhridNews