Благодарение на маркетингот и богатиот асортиман производи, посебно играчки, инспирирани од најновото продолжение на научнофантастичната сага „Војна на ѕвездите“, студиото Дизни би требало да заработи близу пет милијарди долари. Комерцијализацијата на производите произлезени од филмот „Будење на силата“ претставува „златна кокошка“, изјави Том Нолен, аналитичар на компанијата „Меквери секјуритис“. Тој тврди дека заработката од пет милијарди долари Дизни ќе ја оствари уште во текот на 2016 година.

 

Тој астрономски износ ја надминува дури и сумата која Дизни ја вложи во 2012 година за купување на франшизата од нејзиниот креатор Џорџ Лукас. Претседателот на Дизни Алан Хорн не го потврди ова оптимистично предвидување, изјавувајќи само дека компанијата чека да види како ќе се одвиваат нештата. Доколку може да се суди по претпродажбата на билетите, која веќе сега ги руши сите рекорди, нема сомнение дека новиот филм ќе биде уште една меѓузвездена војна која ќе генерира невидени заработки.