Техничката комисија на Балканската одбојкарска асоцијација (БВА) ги потврди организаторите и ги одреди термините за претстојните балкански првенства во шест возрасни категории, а македонската одбојка ќе биде претставена на пет од нив, со две репрезентации во машка и со три во женска конкуренција.
Одбојкарите до 20 години во септември ќе настапат во Тирана во група со Албанија, со Косово и со Турција, а националниот состав за играчи до 18 години на крајот на јуни ќе учествува на турнирот во Нови Сад во група со Молдавија и со Бугарија.
Во женска конкуренција македонската репрезентација за одбојкарки до 19 години на Балканијадата во Романија од 10 до 14 август ќе ја темпира формата за Европското првенство кое ќе се одржи во Скопје од 27. август до 5. септември. Јуниорките ќе бидат во група со Србија и со Грција, а во другата конкуренција се Романија, Косово, Турција и Бугарија.
Селекцијата до 17 години ќе има сериозен тест за потенцијалот на Балканскиот шампионат во Врање во група со Романија и со Турција, а црвено-жолтиот тим репрезентативки до 16 години ќе оди на турнир во Турција каде што ќе игра во група со Србија и Романија.
OhridNews