Со свечена академија, што се одржа синоќа во Скопје, започна одбележувањето на петгодишнината од трагичната смрт на поранешниот претседател на државата, Борис Трајковски, кој го загуби животот во авионската несреќа што се случи на 26 февруари 2004 година крај Мостар – БиХ.

 – Борис Трајковски беше човек со своја визија за Република Македонија и имајќи ги предвид познатите македонски и балкански расправии и кавги, Трајковски како мироносник и проповедник сметаше дека во денешна Македонија и на Балканот мора да дојде до еден радикален пресврт со кој големата недоверба меѓу луѓето и народите, што се наталожила во нивното историско постоење, ќе се напушти и замени со меѓусебна почит и разбирање, а омразта со пријателство и соживот, истакна во своето обраќање претседателот на Македонската академија на науките и уметностите академик Георги Старделов.  

По повод пет години од големата трагедија, државна делегација денеска  ќе положи  цвеќе на гробот на претседателот Трајковски во алејата на Великаните, во градските гробишта – Бутел во Скопје. Собранието на Република Македонија во чест и сеќавање на претседателот Трајковски денеска ќе одржи седница, а предвидени се и бројни други манифестации.
 
Во несреќата, што се случи во местото Ротимље близу Мостар пред пет години, покрај претседателот  Трајковски животот го загубија Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан Лозановска од Кабинетот на претседателот, Миле Крстевски од Министерство за надворешни работи, Борис Велинов и Аце Божиновски членови на обезбедувањето и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.

Ohridnews