Во центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга вечер ќе биде отворена изложба со слики на Владимир Младеноски, со која авторот одбележува пет децении ликовно творештво.

На изложбата ќе бидат претставени 20-тина ликовни дела со мотиви од Струга и Струшко и родното Подгорци: портрети, пејзажи, мртва природа и староградска архитектура.

Сите изложени дела се со маслени бои на платнени подлоги и имаат впечатливо лапидарна колористика, непроѕирност од складни преливи, најчесто од црвени, жолти, зелени и сини партии.

Во делата на овој македонски сликар, роден во струшкото село Подгорци, како што е наведено, пулсира родниот крај каде се овековечува блесокот на боите со сета природна раскош и божја убавина. Студиозно им приоѓа на просторите, објектите, предизвиците и осмислено ги актуелизира најскапоцените и најсуштествените пораки и факти пренесени на платно, соопшти Центарот за култура.

OhridNews