Снимен е видеозапис за песната „Божикна серенада” – шести по ред традиционален подарок за Божик од Бигорскиот манастир и Бадникови поворки.

Овој видеозапис ја оживува серенадата преку една прекрасна божикна песна којашто на најубав начин ја покажува православната традиција и семејните вредности на македонскиот народ. Низ една филмска приказна нè враќа во минатото на Битола, градот кој ја има серенадата како дел од својата културна традиција, соопшти Здружението за возобновување на православните традиции.

Божикната серенада има специфичен богат византиски мелос. Ја пееле возрасните коледари коишто оделе од куќа до куќа и весело ги повикувале домаќините да одат во црква, таму да го прослават Раѓањето Христово и потоа да го понесат големиот благослов дома.

Ова дело ќе остане вечен сведок за мисијата на Бигорскиот манастир и Бадникови поворки како народен, културен и духовен проект. Радувајте се, веселете се, делете љубов, бидете милостиви. Христос се роди, велат од Здружението.

Духовно-културниот проект е остварен со благослов на владиката Партениј. Режијата е на Дејан Пројковски и Горан Наумовски – кој е и директор на фотографија. Во екипата се Стојан Стојановски – камера и Александар Котевски – асистент на камера, во продукција е на 2С Студио Стојан Стојановски.

Изведувачи се Лозано, Димитар Андоновски, Никола Перевски од „Нокаут“ и Стефан Филиповски од „Некст тајм“, а актери: Никола Стефанов, Благица Пупуноска, Ања Сливоски, Соња Михајлова, Митко С. Апостоловски, учесници од КУД „Илинден“ Битола и многу статисти.

Инструменталисти во проектот се: Страшо Темков – флејта, Петар Христов – кларинет, Александар Тасевски – фагот, Иван Еминовиќ – клавијатури, Весна Станоевска Миќиќ – харфа, Тимко Чичаковски – канон, Антоние Весковски – перкусии, Владимир Цветковски – виолина, Гоце Вангеловски – виолина, Владимир Димовски – виола, Кирил Јосифов – виолончело, Митко Иванов – контрабас.

Снимањето, миксањето и мастерингот се направени во студио „Алшар”, музички инженер е Ивица Јанкуловски, а оркестрацијата и аранжманот  е на Владимир Димовски.

OhridNews