Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков денеска изјави дека Русија никогаш не ги прекршила меѓународните конвенции за употреба на забрането оружје.

Русија никогаш не ги прекршила меѓународните конвенции, рече Песков, коментирајќи ги обвинувањата на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Портпаролот на Кремљ ги обвини САД за политика насочена кон изолација на Русија, оценувајќи дека таквиот пристап е неефикасен. Песков рече дека не гледа сериозни последици во случај Русија да излезе од Г20, за чие исклучување се залага американскиот претседател Џо Бајден.

Форматот Г20 е важен, но во сегашни услови, кога огромното мнозинство е во економска војна со нас, ништо смртоносно нема да се случи ако излеземе, истакна Песков, додавајќи дека „светот е многу поинаков од САД и Европа“.

Песков рече дека „романтичниот период“ во односите меѓу Русија и НАТО е завршен и ја обвини Алијансата дека е создадена како „инструмент за конфронтација“. Така се однесувавме кон НАТО, така се однесуваме и сега, изјави портпаролот на Кремљ.

OhridNews