Од ден во ден состојбата со поплавените куќи во Пештани е покритична. Поради големите врнежи од дожд, жителите  велат дека водата во визбите од куќите е порасната за околу 10 сантиметри. Тие стравуваат дека големата влага може да ја наруши  статиката на куќите и дека истите не се безбедни за живеење.  Но тоа не е единствениот проблем, поголемиот проблем според нив е тоа што поради надојдената вода започнале да се излеваат и септичките јами, па водата во поплавените куќи се измешала со фекалии.

-Непријатна миризба се шири од секаде, па затоа се плашиме дека подземните води може да се измешани со фекалии. Ако е тоа така многу брзо може да се прошират и зарази, затоа што куќите буквално се наоѓаат во вода.-вели Иван Локоски, жител на Пештани. Тој нагласува дека освен во нивното село, фекалиите од јамите може да предизвикаат и еколошка катастрофа на овој дел од Езерото.

Со цел да ја согледаат состојбата со поплавите и да земат примероци на вода за испитување, вчера во Пештани беа и екипи на Центарот за јавно здравје од Охрид и Дирекцијата за храна.

-Земаме мостри од водата за пиење од водоводот и примероци од водата со која се полавени визбите од куќите. Исто така ќе земеме вода на испитување и од крајбрежјето на езерото во Пештани, со цел да утврдиме дали истата е загадена или не е. Резултатите од испитувањата ќе бидат готови за три дена.-велат од Центарот за Јавно здравје во Охрид.

Доколку продолжат интезивните врнежи на дожд, кои во охридско непрекинато паѓаат веќе три дена, пештанци стравуваат и од уште поголеми поплави и штети. Со цел да се заштитат и да бидат во тек со новонастанатата состојба деновиве формирале и  Кризен штаб, затоа што, како што велат,  ако самите не се организирани никој не може да се организира и да им помогне.

-Оваа вода што излезе  во визбите е од подземни води кои треба да се влеваат  во езерото, но поради тоа што езерото е многу надојдено, не може да ја прими водата и таа се враќа назад и бара простор кај што може да излезе. Значи овие поплави се директно поврзани со покачувањето на нивото на водата во езерото. Според наши проценки, нивото на езерото е многу поголемо од она што се соопштува.–вели Наум Цаноски, член на Кризниот штаб во Пештани.

Тој објаснува дека насипите кои надлежните служби ги поставија на критичните места од регионалниот пат, кој минува низ селото,  ќе  можат да го обезбедуваат патот само доколку  езерото остане мирно.

-Ако задува поголем ветер, како што дуваше  пред некој ден. Езерото ќе удри над насипот и ќе го земе во водата. Додека не се изгради потпорен ѕид патот не може да биде со сигурност заштитен. –вели Трајан Симоноски, член на Кризниот штаб.

Е. Ефремоска