Група граѓани од Пештани пред два дена протестирала пред општината, незадоволна, од бавното решавање на комуналните проблеми. Пештанци изразиле незадоволство од работата на Секторот за туризам, бидејќи, според нив, општината и оваа година во преден план ја ставила наплатата на туристичката такса, а не се грижи за подобрување на условите и инфрасруктурата во познатото туристичко место.
Во отсуство на градоначалникот Петрески, незадоволните граѓани оствариле средба со началникот на испекциските служби Танас Танаскоски. Тие побарале одговор зашто Пештани 50 години плаќа комуналии, а и понатаму чека туристи со преполнети септички јами и површински фекалии. Танаскоски им ветил дека јамите ќе се чистат на сметка на општината, а ќе се одржува и плажата, но само доколку се тргнат кајчината кои сметаат и ја нагрдуваат населбата.
На средбата на жителите на Пештани им било ветено и дека оваа туристичка сезона населбата ќе добие друг, современ изглед, но според нив и натаму останува најгорливиот проблем – колекторот. Било договорено за тоа да се дискутира на друга средба во присуство на градоначалникот Петрески.